Езѓан Алиоски беше дел од тимот на Лидс кој вчера ја совлада Астон вила на гости со 3-2, иако домашните водеа со 2-0, па македонскиот репрезентативец ја искористи приликата преку „Твитер“ да ги пофали клупските колеги и да им го честита Божиќ.
„Многу сум горд на сите што играа. Да се биде во негатива од 0-2 на гости против Астон вила и да се победи, не е лесно. Но, ние никогаш не се предаваме и тоа е главна причина зошто сме силни. Благодарност за поддршката и среќен Божиќ до целото Лидс семејство“, напиша популарниот Џани, кој беше еден од најзаслужните за третиот гол на Лидс бидејќи по неговиот центаршут, одбранбениот играч на Астон вила лошо реагираше и му асистираше на стрелецот на голот за триумф.
Лидс е прв на табелата во англиската Шампионат лига и засега е на добар пат да влезе во Премиер лигата. Традицијата им оди во прилог. Откако победата се вреднува со три бода, од 1981/82 наваму, сите второлигашки тимови кои имале 48 или повеќе бода од првите 23 кола влегле во најквалитетното друштво. Лидс има точно 48 бода од 23 кола.