Сензационалната победа на Македонија против Италија е тежок удар за актуелните европски прваци и четирикратни светски шампиони, а два дена по елиминацијата на Аѕурите се најавува збогување со репрезентацијата на најмалку тројца фудбалери.
Италијанските медиуми објавија дека крај на репрезентативната кариера ќе стават најдобриот стрелец во Серија А, Чиро Имобиле, соиграчот на Елмас во Наполи, Лоренцо Инсиње и моторот на Челзи, Жоржињо.
Најавено е дека челниците на Фудбалската Федерација на Италија ќе се обидат да го наговорат селекторот Роберто Манчини да продолжи како кормилар на Аѕурите за Европското првенство во 2024 година во Германија и потоа и за Мундијалот во 2026 година што ќе го организираат САД, Мексико и Канада.
Италија треба да игра ревијален меч против Турција, што е всушност дуел на поразените во полуфиналните баражи од Македонија, односно Португалија, две селекции кои ќе играат на 29 март за мундијалска виза во Катар.
Италијанските медиуми објавија дека Манчини им дозволил на шестмина фудбалери да ја напуштат базата во Коверчано, а покрај трилингот што најави пензионирање од репрезентацијата против Турција, веројатно нема да играат и Марко Верати, Џанлука Манчини и Доменико Берарди.