Освојувањето на шампионскиот трофеј во шпанската лига, од Карло Анчелоти и Марсело направи рекордери во одредени статистички категории.
Италијанскиот тренер стана првиот кој освоил барем по една титула во сите пет најсилни првенства во Европа. Анчелоти освојуваше пехари во домашните првенства со Милан, Баерн, ПСЖ, Челзи и Реал Мадрид. Ваков подвиг никој друг нема направено, па постави рекорд кој никогаш нема да биде урнат, може само да биде израмнет.
Во 120-годишната историја на најславниот клуб продефилираа стотици ѕвезди, но никој не освои толку трофеи со Реал како Марсело.
Бразилскиот лев бек, кој ја игра последната сезона во дресот на Реал, денеска ја носеше капитенската лента, и асистираше при првиот гол против Еспањол, па почна да плаче. Емоциите го совладаа, бидејќи стана првиот човек со 24 трофеи освоени во дресот на Реал.