Македонската кошаркарска репрезентација очекувано претрпе нов пораз во квалификациите за пласман на Светското првенство. На гостувањето кај Шпанија, нашите кошаркари загубија убедливо со 80:44 и останаа последни во групата со пет порази од исто толку дуели.
Очекуван беше поразот на теренот кај актуелниот светски првак, но останува фактот дека нападот на Црвено-жолтите беше очаен и постигнатите 44 поени. Само една четвртина Македонија даде отпор и тоа беше во првите 10 минути. Во еден момент Македонија водеше со 16:14, а по првата четвртина Шпанија водеше само со два разлика (19:17).
На почетокот на втората четвтина беше 24:21 за Шпанија, кога почна фуриозната игра на домаќините. Со серија од 19:0, актуелниот светски првак стигна до водство од 43:21. Во оваа четвртина Македонија даде само шест поени.
Ништо поинаква не беше ситуацијата и во третиот квартел. Македонија постигна само осум поени во овие 10 минути, а прими 17, па во пресрет на последната четвртина, Шпанија имаше двојно повеќе постигнати поени од Македонија (62:31). Последните 10 минути беа само формалност.
Андреј Јакимовски со 14 поени беше единствен кој имаше двоцифрен број на поени кај Македонија. Кристијан Николов и Бојан Крстевски имаа по 7 поени, а Теодор Симиќ постигна шест поени. Кај Шпанија најефикасен беше Себастијан Саиз со 19 поени.