Македонија во ниту еден момент не водеше против Украина, но сепак штета што загуби

Кошаркарската репрезентација на Македонија загуби во Скопје од Украина со 68:73 и квалификациите за пласман на Светското првенство ги заврши со шест порази од шест средби. Уште пред овој меч со Украина во „Борис Трајковски“, беше јасно дека Македонија ќе биде последна во групата во која се уште и Грузија и Шпанија, но нашите кошаркари покажаа дека имаат квалитет против силниот ривал.

Украинците, кои беа фаворити пред мечот, започнаа силно и поведоа со 6:0, а потоа имаа предност и од 18:9, а на крајот од првата четвртина гостите водеа со високи 35:21. Највисоко водство Украина имаше кон средината на втората четвртина, кога беше 47:30, а тогаш почна и најдобриот дел од играта на Македонија.

До крајот на втората четвртина, нашите кошаркари со серија од 7:0 намалија на 10 разлика на полувреме, а низата продолжи и на почетокот од третата четвртина, па стигнавме до 44:47, што значи дека Македонија даде 14 поени по ред без да прими ниту еден кош. Потоа се играше кош за кош, па во пресрет на последните 10 минути, Украина водеше само со четири поени (57:54).

На почетокот на последната четвртина Украинците засилија со темпото и од 57:61, резултатот стигна до 57:69 на пет минути до крајот. Следуваше серија од 8:0 за Македонија за 65:69 на 100 секунди до крајот, а потоа Јакимовски промаши шут за тројка, а во следниот напад гостите погодија.

Андреј Јакимовски со 17 поени беше најефикасен кај Македонија, а двоцифрени беа и Војдан Стојановски со 15 поени и Бојан Крстевски со 13 поени. Кај гостите најпрецизен беше НБА-кошаркарот Свјатослав Михаљук со 24 поени.

Во вториот меч од нашата група, Грузија дури по продолжение славеше над Шпанија со 82:76 (67:67).

- Оглас -

Најнови вести