Ние сме меѓу најслабите – Европа го слави првиот косовски тим во фаза по групи и екипа од Лихтенштајн што игра во туѓо првенство

Македонските тимови, како по правило, ги завршуваат натпреварите во европските купови кога тие сè уште не се почнати, а така беше и во овој циклус.

Не претставуваа шампионот Шкупи, Шкендија, Академија Пандев и Македонија Ѓорче Петров и сите испаднаа и не се пласираа во фаза по групи во ниту еден од трите купа на УЕФА.

Шкупи играше во сите три и не искористи златна шанса, и тоа трипати, да игра во фаза по групи.

Во овој систем што го постави УЕФА, чаирчани добиваа шанса да се борат за Лигата на шампионите, па за Лигата на Европа и за Конференциската лига, но секаде беа елиминирани.

Успех немаа ниту останатите три екипи, а Македонија остана само да се сеќава на историскиот успех на Вардар во 2017 година како единствен тим што играл во фаза по групи, тогаш во Лигата на Европа.

Затоа Европа го слави Балкани, нивниот ривал во плејофот за настап во Конференциската лига на УЕФА, кој го елиминира Шкупи со две победи и стана првиот косовски тим што ќе игра во фаза по групи во европски куп.

Тоа го стори и Вадуз, интересна екипа која дури и не игра во својата земја. Тие се од Лихтенштајн и играат како гости во швајцарското првнство, а вечерва со победа од 1:0 го елиминираа славниот Рапид од Виена.

Македонија е во друштво со најслабите од рангот на Сан Марино, Андора, Гибралтар, Малта и уште неколку земји што ќе немаат тим во фаза по групи во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Конференциската лига.

Ждрепката за Лигата на шампионите се одржа денеска во Истанбул, а утре на ред е и формирањето на групите во Лигата на Европа и во Конференциската лига.

Ждрепката за Лигата на Европа е утре, од 13 часот, исто така во Истанбул, а еден и пол час подоцна ќе се извлекуваат групите за Конференциската лига на УЕФА.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести