Откако стана јасно дека Русија нема да биде дел од ждребот за ЕП 2024, од тамошната Федерација веќе размислуваат за радикални промени.
Тие размислуваат за напуштање на УЕФА во наредните години и да се приклучат кон азиските фудбалски натпреварувања, а такво нешто најави и рускиот селектор Валериј Карпин.
„Нема шанси да ја напуштиме УЕФА за шест месеци, но тоа е навистина реално во наредните две-три години. Посакувам оваа ситуација да се реши во наредната година“, изјави Карпин.
Втората солуција за ФС на Русија е да се сочека и да се смири целата оваа ситуација и да се тргнат забраните од УЕФА, додека третата е навистина неверојатна.
Таа е да се организираат натпреварувања само во Русија со земји коишто би прифатиле да бидат дел од некој ваков турнир.
Русија во вторник ќе го игра првиот пријателски натпревар по пауза од речиси две години, каде што противник ќе ѝ биде Киргистан.