Сите се согласија дека бројните навивачи беа најсветлата точка на Македонија во Краков за време на групната фаза од Светското првенство во ракомет за мажи. Фалангата ги освои срцата на неутралните и вистинска штета е што и покрај моќната поддршка што ја даваше, ракометарите не им приредија радост.
Синоќа фановите масовно тргнаа кон дома, а на долгиот пат ги чекаа неповолни временски услови, патишта со снег. Но, и на студ и на снег, тие во следна прилика пак би оделе за нивната Македонија.
Имаше и заслужени свирежи и барања за оставки, но кога заврши мечот со Аргентина, македонските навивачи сепак собраа сили и да им аплаудираат на младите ракометари кои овојпат тотално потфрлија, но пораката е испратена: и во добро и во зло, повторно ќе бидеме со вас, немаме резервна репрезентација.