МЗТ со проектили од далеку го демолираше ТФТ, трофејот од Купот ќе добие нов сопственик

МЗТ Скопје Аеродром на убедлив начин се пласираше во финалето на Купот на Македонија, откако го растури ТФТ Скопје со 102:61. Овој дуел беше реприза на ланското финале, но резултатот беше сосема поинаков. Ако минатата година ТФТ се радуваше на првиот трофеј во клупската историја, овојпат беше недостоен противник за клубот кој доминира во последнава декада во мак баскетот.

Само во првите неколку минути ТФТ се обиде да парира и водеше со 9:8, ноза кратко  време МЗТ со серија од 8:0 дојде до предност од 16:9, а на крајот од првата четвртина имаше двоцифрена разлика (28:18). На почетокот на втората четвртина за брзо време беше 34:18 за МЗТ чии играчи беа расположени за шут од далечина.

Во првото полувреме аеродромци погодија 10 тројки, од кои по три пати прецизни беа близнаците Дамјан и Војдан Стојановски, а Робев погоди две тројки, па на полувреме заминаа со предност од 53:31.

Ништо не се смени ниту во второто полувреме. МЗТ рафално со шутеви од далечина само ја зголемуваше предноста, па во 24 минута резултатот беше 66:35. Највисоката предност МЗТ Скопје Аеродром ја имаше во 35 минута кога водеа со 45 разлика (92:47).

Дамјан Стојановски со 18 поени беше најефикасен на теренот, а кај победничкиот тим се истакнаа и Робев со 16 поени, Војдан Стојановски со 13 и Крстевски и Мичовиќ со по 11 поени.

Во финалето, МЗТ ќе го чека подобриот од дуелот Пелистер – Феникс.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести