Селекторот на Португалија, Роберто Мартинес, не ја исклучува можноста Кристијано Роналдо да игра и на Светското првенство во 2030 година. Иако суперѕвездата тогаш ќе има 45 години, Мартинес верува дека неговата ментална сила би можела да го наведе Роналдо да игра на турнирот, на кој еден од главните домаќини ќе биде неговата Португалија.
Мартинес верува дека внатрешниот поттик на Роналдо е она што го издвојува од другите фудбалери. Додека многумина се фокусираат на неговата физичка подготвеност, Мартинес истакнува дека токму психологијата на играчот на Ал-Наср е клучна за пркосење на возраста. Според него, желбата на Роналдо да се подобрува никогаш не се намалува, без оглед на бројните трофеи што ги освоил во својата кариера.
„Кристијано не игра за да освои одредена титула, било да е тимска или индивидуална. Неговата тајна не е во тоа што јаде, туку во неговиот глад. Што и да освои, следниот ден чувствува иста глад за подобрување. Мислам дека тоа му ја обезбедува долговечноста. Работев со многумина играчи кои денот по освојувањето на Лигата на шампионите или на Златната топка, повеќе ја немаат истата глад. Тој ќе се бори да игра и во 2030, никој не треба да се сомнева во тоа“, рече португалскиот селектор.
Роналдо во ноември рече дека Мундијалот во 2026 година ќе биде неговиот последен настап на светската сцена. Но, никогаш не се знае.

