Освојувачот на Златната топка за 2024 година, Родри, и понатаму се поврзува со можен трансфер во Реал Мадрид, но самиот фудбалер избегнува да зборува за таквите шпекулации. Шпанскиот репрезентативец моментално е со националниот тим во пресрет на Светското првенство.
Дваесет и деветодишниот играч на Манчестер сити се осврна на својата иднина и интересот од мадридскиот гигант.
„Нормално е имињата на играчите да се поврзуваат со различни клубови. Јас сум капитен на репрезентацијата и во моментов сум целосно фокусиран на тоа. Мојата одговорност е да ја предводам Шпанија кон успех на Мундијалот. Можеби има многу приказни околу мене, но јас размислувам само за Светското првенство. По неговото завршување ќе видиме што ќе се случува“, изјави Родри.
Играчот од средниот ред истакна дека се чувствува одлично по сезоната во која пропушти голем број натпревари поради повреди.
„Се чувствувам во фантастична форма. Дури и на шега кажав дека за првпат доаѓам на голем турнир толку свеж и без огромен број натпревари зад себе. Успеав да ги надминам сите проблеми. Мојот клуб не ги исполни сите цели оваа сезона, па имав помалку настапи од вообичаено“, рече шпанскиот ас.
Тој зборуваше и за шансите на Шпанија на претстојниот Мундијал.
„Комплимент е кога ве сметаат за фаворити, но ние не размислуваме така. Не обрнуваме внимание на етикетите. Сакаме да стигнеме што е можно подалеку и на теренот да покажеме што можеме. Сè се докажува чекор по чекор. Турнирот ќе биде долг и напорен, а нашето вистинско ниво ќе се види за време на натпреварите. Сигурен сум дека ќе има и изненадувања. Најважно е што сите пристигнуваме здрави и подготвени, па селекторот ќе може да смета на целиот состав“, додаде Родри.
Иако шпекулациите за неговата иднина не стивнуваат, јасно е дека приоритет на шпанскиот репрезентативец во моментов е настапот на Светското првенство, а сите одлуки околу клупската кариера ќе ги остави по завршувањето на турнирот.

