Бразилскиот супермодел Адријана Лима стана нов глобален амбасадор на навивачите во ФИФА. Од Светската фудбалска федерација се пофалија дека ја ангажирале светската модна икона.
Работата на Адријана ќе биде организација на глобални иницијативи во кои се вклучени фанови, а главна задача ќе ѝ биде да го промовира фудбалот ширум светот и со тоа да помогне во неговиот развој.
„Кога ќе ја запознаете Адријана, веднаш ја чувствувате нејзината топлина, љубезност, и колку таа е страсна кон фудбалот. Таа живее и дише за фудбалот, затоа може да биде врска помеѓу ФИФА и навивачите ширум светот“, изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Вечерва во Париз, Лима ќе ја додели наградата за навивачите за време на церемонијата на која ќе се прогласи и најдобриот фудбалер на светот за 2022 година.