Легенда – Пау Гасол и со полни 39 години ќе игра за Шпанија

Еден од најдобрите шпански кошаркари во историјата, Пау Гасол, нема намера да се повлече од националниот тим и најавува дека ако го послужи здравјето, ќе биде во составот на „црвемната фурија“ на Светското првенство во Кина кон крајот на летото оваа година.

Гасол за сениорската репрезентација на Шпанија игра од 2001 година, во 2000 беше дел од младинскиот тим кој играше на ЕП во Охрид. За овие 18 години, Гасол пропушти само три големи натпреварувања, и тоа европските првенства во 2005 и 2013, како и Мундобаскетот во 2010. Освои седум медали на ЕП, а по три на СП и ОИ. Најголем успех е планетарната титула во 2006 година.

Легендарниот Гасол на 6 јули ќе наполни 39 години, и не му е доста од играње кошарка, па на крајот на август и почетокот на септември, ќе биде предводник на Шпанците во намерата да освојат некој медал.

„Ако бидам здрав, ќе играм на СП. Сакам на Шпанија да ѝ помогнам да одигра добар турнир и да се квалификува на Олимписките игри 2020 во Токио“ – изјави Гасол кој сезонава одигра само 18 меча за Сан Антонио спарс, бидејќи паузираше поради повреда на стапалото, па и просекот на поени и скокови му е потпросечен.

 

- Оглас -

Најнови вести