Германија ќе биде домаќин на Европското првенство следната година, а фудбалската репрезентација е во катастрофална форма. На последните пет пријателски натпревари забележаа само една победа, и тоа над Перу од 2-0, со Украина одиграа нерешено 3-3, а порази доживеаја од Белгија со 2-3, Полска 0-1 и Колумбија 0-2.
Фудбалската федерација е во паника, а навивачите се бесни, па спасот се гледа во анганжманот на Јирген Клоп за селектор. Сепак, менаџерот на тренерот на Ливерпул веднаш и без размислување ја отфрли оваа можност.
„Јирген има долгогодишен договор со Ливерпул, а германската репрезентација си има селектор.“
Јирген Клоп во Ливерпул пристигна во 2015 година и има важечки договор со Црвените од „Енфилд“ до 2026 година.
Германија со селекторот Ханси Флик на клупата имаше неуспешен настап на Светското првенство во Катар и испадна уште во групата, а тоа им се случи и на првенството во Русија во 2018 година. На Европското првенство во 2021 година испаднаа уште во осминафиналето.