Кошаркарската ѕвезда на Денвер нагетс и репрезентативец на Канада, Џемал Мари, ги разочара навивачите во својата земја. На помалку од 10 дена до стартот на Светското првенство, најдобриот канадски играч го откажа настапот на Мундијалот.
Мари објаснил дека му е потребен дополнителен одмор по долгата сезона во НБА-лигата, во која со Денвер нагетс испишаа историја и стигнаа до првата титула во клупската историја.
„Со доаѓањето во тренинг-кампот сакав да видам како ќе реагира моето тело по долгата и напорна сезона што ја имав и дали ќе бидам физички подготвен. По консултации со лекарите и останатите челници во репрезентацијата, одлучивме дека ми е потребно подолго време за закрепнување, па затоа нема да играм на СП. Мојата следна цел е да ја преставувам Канада на Олимписките игри“, рече Мари.
На Светското првенство Канада е во група Х и за противници ќе ги има селекциите на Летонија, Либан и Франција.