Одлуката на УЕФА да ги „помилува“ младите руски фудбалери ќе донесе бојкот

Фудбалските федерации на Украина и на Полска одлучија да ги бојкотираат сите натпреварувања под капата на Европската фудбалска федерација (УЕФА) на коишто ќе учествуваат руски репрезентации.

УЕФА објави дека на руските репрезентации до 17 години ќе им биде укината суспензијата за настап бидејќи „децата не смеат да бидат казнети за делата кои ги направиле возрасните“.

УЕФА објави дека ќе им дозволи на руските репрезентации да играат на натпреварувања, но ќе мора да настапат без интонирање на химната, да немаат официјална опрема на Руската федерација и ќе настапуваат на меѓународен терен, но тоа наиде на осуда на Украинците и на Полјаците, кои најавија бојкот.

„Фудбалската федерација на Украина нема да биде дел од ниту едно натпреварување во кое би учествувале руски екипи и бараме од УЕФА да ја промени одлуката. Апелираме до УЕФА да ја остави на сила претходната одлука, да остане суспензијата на сила за сите руски екипи“, објави Украинската фудбалска федерација.

Веднаш по одлуката на Украинците за бојкот, се огласи и првиот човек на Фудбалската федерација на Полска (ПСПН), Цезари Кулеша.

„Бев изненаден од вчерашното соопштение на Извршниот комитет на УЕФА. Ако на руските репрезентации им биде дозволено да играат, нашите репрезентации нема да играат против нив. Ова е единствената исправна одлука“, напиша Кулеша на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер).

УЕФА во февруари минатата година, веднаш по руската воена инвазија врз Украина, ги суспендира сите руски репрезентации и екипи од меѓународните натпреварувања.

 

- Оглас -

Најнови вести