Европската фудбалска федерација (УЕФА) објави дека руската репрезентација за играчи до 17 години ќе има право да настапи на меѓународни турнири, но веднаш се појавија земји кои се контра оваа одлука.
Поради војната во Украина, Русија беше суспендирана од натпреварувањата на ФИФА и УЕФА, но сега е одлучено таа суспензија делумно да биде намалена. Селекцијата на Русија за играчи до 17 години ќе може да игра меѓународни натпревари, но без руски обележја на дресовите и без интонирање на химната.
„УЕФА останува одлучна и цврста на ставот дека е против насилство со забраната на руските репрезентации. Оваа одлука ќе остане на сила додека не дојде мирот. Сепак, со забраната ги кршиме правата на младите и правиме дискриминација врз нив. Затоа, им нудиме шанса да играат со своите врсници, а со тоа да имаат и шанса за подобра иднина“, објасни претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
Веднаш по оваа одлука на УЕФА, стигна реакција од Англија дека таа земја ќе ги бојкотира натпреварувањата во коишто има руски селекции.
„Не ја подржуваме идејата за враќање на Русија во УЕФА натпреварувањата. Нашиот став останува непроменет. Англија нема да игра против Русија“, стои во реакцијата од Англија.
Покрај Англија, против идејата за враќање на руската селекција до 17 години се и Украина, Полска, Летонија, Данска и Шведска.