Катастрофален старт на МЗТ: Цедевита јуниор му одржа лекција на шампионот на Македонија

Кошаркарскиот шампион на Македонија, МЗТ Скопје, имаше катастрофален старт на новата сезона второлигашката АБА конкуренција. Тимот од скопски Аеродром загуби со убедливи 92-79 од Цедевита јуниор на турнирот во Суботица.

Мечот почна добро за МЗТ, кој имаше постојана предност во првата четвртина се до самиот финиш кога екипата од Хрватска го презеде водството и го доби првиот период со 30-24. Победникот на мечот беше решен во втората четвртина, која им припадна на кошаркарите на Цедевита јуниор со 29-19 за убедливи +16 на полувремето.

МЗТ Скопје се обиде да се врати резултатски во игра во второто полувреме, но никако не успеваше да се доближи и да ја загрози победата на хрватите. Се што успеа МЗТ да направи е да го ублажи поразот и од -16 на полувремето, на крајот да дојде до -13.

Најефикасен на мечот беше кошаркарот на Цедевита јуниор, Вито Кучиќ, со 22 поени, додека во редовите на МЗТ Скопје најмногу поени постигна Војдан Стојановски, 16.

Следниот натпревар за МЗТ Скопје ќе биде македонското дерби против Пелистер, кое ќе се игра во Суботица в петок во 15 часот.

- Оглас -

Најнови вести