Легендарниот македонски голгетер Дарко Панчев во интервју за српскиот весник „Новости“ го наброја Бојан Миовски како еден од најдобрите голгетери од регионов и во него гледа потенцијал да стане и еден од најдобрите во Европа.
„За жал, не само во регионов, туку и во Европа сè помал е бројот на гол-играчи. Не знам зошто, фудбалот е променет во таа смисла и не ми се допаѓа тоа. На прсти може да се избројат гол-играчи, тоа не е добро, фудбалот се игра за голови. Од регионов, во таа група се: Митровиќ, Влаховиќ, Хрватот Петковиќ, Џеко е веќе при крај. Еве во Македонија го имаме Бојан Миовски, кој покажува голем напредок, можеби и тој еден ден ќе стане еден од подобрите европски голгетери“, вели Панчев, кој во сезоната 1990/1991 година како член на белградска Црвена ѕвезда беше прв стрелец во Европа и стана Златна копачка.