Фудбалскиот клуб Вардар изрази задоволство од одлуката на Град Скопје да му бидат доделени финансиските средства кои ги бараше долго време.
„Во името на клубот се заблагодаруваме на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, како и на сите советници кои едногласно ја донесоа и спроведоа одлуката за доделување на финансиска помош за најголемиот фудбалски клуб ФК Вардар.
Упатуваме благодарност и до нашата верна навивачка група Комити Запад која во текот на целиот изминат период, неуморно работеше на реализацијата на донесената одлука.
По сите перипетии, ова е прва голема победа и доказ дека искрената приказна станува се повеќе препознатлива и привлечна.
Оваа одлука несомнено ќе влијае позитивно, пред се врз фудбалерите, врз стручниот штаб, но и врз оние кои во моментов ги менаџираат сите работи поврзани со клубот, а кои без разлика на се, ќе продолжат волонтерски да си ги извршуваат своите функции.
Веруваме дека соработката ќе продолжи и во наредниот период и дека ќе биде поттик за сите останати општествени чинители, за да се приклучат кон борбата за клубот на народот.
За крај, би сакале на сите навивачи на клубот, но воедно и на сите граѓани на Република Македонија, да им ја честитаме новата 2024 година. Нека биде победничка за нашиот Вардар, нека биде црвено-црна! Борбата продолжува!“, порачаа Вардарци.