Белингам на секој меч на Реал прекршува едно правило, но досега не бил санкциониран (Фото)

Англискиот репрезентативец Џуд Белингам пред почетокот на сезоната направи трансфер и од Борусија Дортмунд се пресели во Реал Мадрид. Младиот 20-годишен фудбалер одлично се снајде во новата средина и веднаш се наметна како лидер на теренот.

Иако не е класичен напаѓач, Белингам сезонава даде 13 гола во 16 натпревари во шпанското првенство, каде што Реал Мадрид е лидер со 45 поени, колку што има и Жирона на второто место.

Освен погодоците, Белингам сезонава на секој меч во дресот на Реал Мадрид прекршува едно правило на шпанската лига, а е поврзано со опремата која ја носи. Пред секој меч, фудбалерот ги кине штуцните (чорапите) од задниот дел, и тоа оној дел кој е на листот на ногата.

Со правење дупки на штуцните се намалува опасноста од грч на мускулот на ногата и здобивање повреда на листот. Освен Белингам, овој „ритуал“ го прават и уште неколку други фудбалери кои според правилата на Примера, не смее така да играат.

Правилата велат дека фудбалерот не може да се појави на терен ако некој дел од неговата опрема е оштетен, односно искинат, но сепак челниците очигледно прогледуваат „низ прсти“, знаејќи дека тоа оштетување на дел од опемата се прави од превентивни причини.

Реал Мадрид утре го има првиот предизвик во 2024 година, и тоа на „Сантијаго Бернабеу“ против Мајорка.

- Оглас -

Најнови вести