Чави Ернандес по поразот на Барселона од Виљареал од 3:5, имаше итен состанок со претседателот на каталонскиот тим, Жоан Лапорта, и потоа на прес-конференцијата, ги потврди пишувањата на медиумите дека на крајот од сезоната си заминува од клупата.
„На 30-ти јуни ќе ја напуштам Барселона. За ова разговарам со претседателот и со стручниот штаб. Барселона мора да ја промени насоката, како навивач на клубот најдобро е да си заминам на 30 јуни. Мислам дека тоа ќе е помогне на Барселона иако се уште мислам дека можеме да имаме доста добра сезона. Сепак, морам повеќе да мислам на клубот отколку за себе. Му благодарам на претседателот на довербата. Мислам дека ќе ја релаксира ситуацијата бидејќи се сметам за најодговорен. Засега е направена добра работа, но мислам дека мојот проект како тренер ќе заврши на 30 јуни и тоа ќе ги ослободи играчите. Одлуката ја донесов пред неколку дена бидејќи на клубот му е потребна промена“, изјави беа првите зборови на Чави откако медиумите објавија дека си заминува од клубот.
Чави на клупата на Барселона седна во ноември 2021 година кога го наследи Роналд Куман и таа сезона заврши на второто место во Ла Лига зад Реал Мадрид. Во следната сезона, Чави и Барселона ја освоија титулата. Но, годинава каталонскиот тим не ги бележи посакуваните резултати, екипата остана без трофеите во шпанскиот Супер куп, Кралскиот Куп, а во Ла Лига има десет бода помалку од лидерот Реал Мадрид.