Фелипе со нов имиџ се врати во Вардар

Во Вардар се врати бразилскиот интернационалец Хуан Фелипе Алвес Рибеиро. Добро познато име на навивачите и симпатизерите на клубот. По неполна една година настапи во Казахстан, во тимот на Каират, Фелипе од денеска и официјално повторно е дел од „црвено-црните“ откако по потпишувањето на договорот стигна и потребниот сертификат, со што се стекна со право за настап уште на првиот меч во пролетниот дел од сезоната.

„Иако десетина месеци не бев дел од Вардар, се чувствувам како никогаш да не сум заминал.  Ова е мојот дом, го сакам клубот, ги сакам навивачите Комити, од кои верувам дека ќе ја имаме поддршката на секој натпревар. Се враќам во добро позната средина. Гледам дека се сменија некои работи од минатата година досега, сепак, добро се познавам со дел од играчите. Верувам дека повторно одлично ќе соработуваме и се надевам на добри игри“, изјави Фелипе, кој сега е со сменета боја на косата во споредба со првиот престој во Вардар.

Бразилецот верува дека Вардар може да дојде до титулата којашто ја освојуваше додека беше дел од клубот.

„Се вратив за повторно да се обидеме да дојдеме до титулата и да ја вратиме онаму каде што припаѓа. Ќе биде тешко во пролетниот дел, но ќе се бориме и јас се надевам и посакувам со добри игри и со добри резултати повторно да бидеме на првото место на крајот од сезоната. Вардар има квалитет, Вардар секогаш оди на победа, на првото место и така ќе биде и во овој втор дел од сезоната“, додава Фелипе.

 

- Оглас -

Најнови вести