Лионел Меси повеќе од 20 години беше дел од Барселона и тој засекогаш ќе биде легенда на клубот. Аргентинскиот виртуоз потоа замина во Пари Сен Жермен, а сега игра за Интер Мајами, но признава дека ги следи настапите на Барселона. Лео откри дека воопшто не е изненаден од тинејџерот Ламин Јамал, за кого се верува дека ќе биде иднината на клубот.
Јамал само со 16 години постигнува голови за Барселона и веќе сруши неколку рекорди од кои дел беа во сопственост на Меси. Ова момче е од татко од Мароко, а мајка му е од Екваторијална Гвинеја, но Ламин е роден во мало градче во близина на Барселона.
Сезонава Јамал веќе постигна три гола во првенството, а од минатата сезона е дел и од шпанската репрезентација, каде што во четири дуела има два погодоци.
„Луѓето за него слушнаа пред неколку месеци, но јас го знам добри шест години. Уште од времето кога започнуваше да биде дел од детската лига. Памтам кога постигна хет-трик против Реал Мадрид и бев воодушевен од начинот на којшто го направи тоа. Немав дилема дека брзо ќе влезе во сениорскиот тим и ете го сега е таму и игра“, вели Меси за тинејџерот во дресот на Барселона.
Самиот Меси имаше ист почеток на кариерата затоа што во сениорскиот фудбал започна со 16 години исто како што тоа сега го прави Јамал.