Барселона убедливо со 4:0 го победи Хетафе во меч од шпанското првенство и со тоа каталонскиот гигант се искачи на второто место на табелата во Примера дивисион. За Барселона ова е најубедлива победа во последните пет месеци, а очигледно влеа и оптимизам кај тренерот Чави Ернандес.
Стратегот кој сигурно си заминува од клупата на тимот на крајот од сезоната, вели дека нема предавање во трката за титулата.
„Секогаш е важно да се победи на домашен терен. Ни фалеше еден ваков убедлив меч. Ова беше многу добар натпревар. Покажавме дека можеме да бидеме многу добри во нападот. Од сите аспекти одигравме добро. Мислам дека имаме реални шанси да се бориме за титулата. Не се предаваме. Ова е добар момент за нас и мора да веруваме. Треба да победуваме на нашите средби и на тој начин да правиме притисок врз Реал Мадрид и Жирона. Ќе се бориме за титулите во првенството, но и во Лигата на шампиони. За жал не можеме да се надеваме на трофеите во Суперкупот и во Купот“, рече Чави.