Вардар повторно е оштетен против Шкендија и тоа вторпат по ред на дуелите со главниот конкурент за титулата, а обично кроткиот тренер на скопјани Александар Васоски бурно реагира на непризнатиот гол на Филип Најдовски за израмнување на 1:1.
Најдовски упати бомба од 40. метри, а топката се одби од пречката и се чини заврши зад гол-линијата, но судиите не реагираа.
„Никогаш не коментирам судиски одлуки, но сега не можам да се воздржам. Топката беше еден метар во голот и не ни е признаен чист гол. Бевме оштетени и на претходниот меч, кога на Шкендија и беше признат непостоечки погодок. Еднаш може да биде случајна грешка, вторпат не верувам. Како некој намерно да сака да не оштети. И ние сме луѓе од крв и од месо, тренираме напорно и ваква кардинална грешка го фрли во вода целиот труд на играчите“, вели за Спорт Манија, Васоски.
Од друг агол вистинска штета и фудбалски е што голот на Најдовски во 36. минута не е признат и поради фактот што беше невиден еврогол, веројатно и најубав во целото првенство.
Со погодокот н а Омар Имери Шкендија го доби дербито со 1:0 и е многу блиску до одбрана на титулата.