Актуелниот светски шампион, репрезентацијата на Аргентина, ја забележа и втората победа на пријателски натпревари во САД во овој мартовски прозорец на ФИФА. Аргентинците иако играа без најдобриот светски фудбалер, Лионел Меси, сепак по победата од 3-0 над Салвадор доцна синоќа во Лос Анџелес, ја совладаа и Костарика со 3-1, и тоа со пресврт.
Костариканците поведоа со погодокот на Манфер Угалде во 34-тата минута, но во вториот дел Аргентинците покажаа зошто се светски шампиони. Анхел ди Марија во 52-рата минута со прекрасен погодок од слободен удар израмни на 1-1, а само четири минути подоцна, Алексис Мекалистер ја донесе Аргентина првпат во водство на овој натпревар.
Конечните 3-1 беа дело на Лаутаро Мартинес во 77-мата минута.