Хрватскиот репрезентативец, Лука Модриќ, има договор со Реал Мадрид уште само два месеци и неговата иднина на „Сантијаго Бернабе“ останува неизвесна. „Кралскиот“ клуб се уште му нема понудено продолжување на договорот, а клубовите од Саудиска Арабија повторно притискаат за неговиот потпис.
Неговиот пријател и соиграч од репрезентацијата, Иван Ракитиќ, зимава направи трансфер од Севиља во Ал-Шабаб, па во изјава за арапските медиуми го повика својот пријател да му се придружи.
„Ако Модриќ дојде во Саудиска Арабија, а не потпише за Ал-Шабаб, ќе си има проблеми со мене. Ако ја избере Саудиска Арабија, тоа би било неверојатно. Веднаш би го повикал и би направил се за да потпише за Ал-Шабаб. Би му ги дал сите потребни информации само да дојде во првенството на Саудиска Арабија.“ – рече Ракитиќ.
Интерес за Модриќ имаше и од неговиот поранешен клуб, Динамо Загреб, но оваа опција се чини како најмалку веројатна во моментов. Не е исклучена можноста тој да се пресели и во американската МЛС лига и тоа во екипата на Дејвид Бекам, Интер Мајами.