Најдобриот македонски фудбалер на 20-тиот век, Дарко Панчев, ја отстапи Златната копачка на Црвена ѕвезда за да биде изработена реплика, која потоа ќе биде поставена во музејот на стадионот „Рајко Митиќ“.
Популарната Кобра беше најдобриот стрелец во Европа во сезоната 1990/91, кога со Црвена ѕвезда го оствари најголемиот успех, а легендарниот македонски капитен постигна 34 гола. Црвено-белите во 1991 година станаа европски шампиони откако во финалето кое се играше во Бари, Италија, во пенал-рулетот беа подобри од Олимпик Марсеј, а Панчев го изведе последниот пенал и погоди, со што ги фрли во транс навивачите на Црвено-белите.
Дарко Панчев на Златната копачка чекаше цели 15 години и конечно во 2006 година го доби признанието за најдобар стрелец во Европа во сезоната 1990/91.