Барселона од следната сезона и официјално ќе има нов тренер, откако Чави Ернандес доби отказ поради коментарите околу финансиската состојба на клубот кои ги даваше во јавност. Легендата на клубот уште зимата најави дека си заминува, откако загуби со 3-5 на домашен терен од Виљареал, но следуваа долги убедувања, па пред две недели беше објавено дека Чави останува на клупата на Барселона до крајот на договорот, кој му истекуваше следното лето.
Сепак, Лапорта одлучи дека Чави треба да си замине, а на негово место најверојатно доаѓа германецот Ханси Флик. Интересен е начин на кој Чави дознал дека не е повеќе тренер на Барселона. Лапорта поради здравствени причини се наоѓа во болница, а Чави бил да го посети. При посетата, претседателот на Барселона му се обратил со зборовите: „Кога би се водел од емоциите, би сакал ти да останеш тренер и во иднина. Сепак, разумно е да не останеш тренер“.