Македонскиот шампион Струга Трим Лум со предност од 2:1 влегува во денешниот реванш против Пјуник, во второто квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА. Тренерот на Струга ТЛ, Ќатип Османи е оптимист, но е претпазлив, затоа што знае дека Пјуник не е е тим кој треба да се потцени.
„Предноста од 2-1 од првиот натпревар во Охрид не гарантира ништо на нашиот тим, па ќе мора да го дадеме најдоброто на зелениот терен, за на крајот да обезбедиме пласманот во третото квалификациско коло од Конференциската лига. Треба да останеме што е можно помирни и смирено да влеземе во натпреварот. Иако имаме мала предност, тоа не е резултат што ни го гарантира пласманот во следното коло, па секако во овие денови работевме и разговаравме во тој правец, да направиме сè за да се квалификуваме во следното коло“, вели Османи.
Според коефициентите во Sport Life, Пјуник е во улога на „благ“ фаворит, но Струга е тимот на кој доволно му е да одигра и нерешено, за да оди во следната фаза.
„Секако дека ги анализиравме фудбалерите на Пјуник и ми оставија впечаток како тактички многу дисциплиниран тим, со поединци кои знаат како да ги решат ситуациите во вистинските моменти. Знаеме дека нѐ очекува тежок натпревар, дуел каде што можеби ќе одлучуваат нијанси и деталите“, претпазлив е Османи.