Два меча кои беа неизвесни до последен момент се одиграа во рамките од четвртото коло на ватерполо олимпискиот турнир. Австралија ја изненади фаворизираната Унгарија и победи со 9:8.
Кенгурите повеќе од девет години ја немаа победено Унгарија во регуларен дел, а денеска губеа со 7:6 по три четвртини, но во решавачката четвртина, Австралија одигра одлично и на крајот славеше со 9:8. За Австралија ова е трета победа во групата, додека Унгарија загуби втор пат.
Во оваа група, Шпанија убедливо со 23:8 ја победи Јапонија и Црвената фурија продолжува со максимален ефект од четири победи во исто толку меча.
Хрватска ја победи Грција со 14:13 и тоа благодарение на фантастичната трета четвртина која ја доби со 7:3, па негативата од 4:6 на полувреме ја претвори во водство од 11:9. Коцкестите сега имаат три победи, додека Грција прв пат загуби на овој турнир.