Управата на ПСЖ инсистира дека не прекрши никакви правила во врска со огромните трансфери на Нејмар и Мбапе иако УЕФА му дише во врат. Францускиот првак најавува ново расфрлање со пари со цел да се стигне до титулата во Лигата на шампионите.
Како прва мета за летниот преоден рок го таргетираа Сергеј Милинковиќ – Савиќ, играчот за врска на Лацио, за кого неколку европски клубови се интересираат веќе извесно време. Иако лани Лацио не дозволуваше Савиќ да го напушти клубот за помалку од 150 милиони евра, слабите игри сезонава го натераа првиот човек на клубот, Клаудио Лотито, да се одлучи да ја спушти цената на фудбалерот.
Наводно, како што известуваат француските медиуми, ПСЖ за Савиќ ќе испрати понуда од 100 милиони евра, што ќе биде доволно да му дозволат на српскиот репрезентативец да преговара со „светците“. Тој треба да претставува замена за Адриен Рабио, кој сигурно по крајот на сезоната ќе игра за друг клуб, а веќе е најавено дека е постигнат договор со Барселона.