Англискиот премиерлигаш Евертон наскоро треба да добие нов сопственик, што е најава за подобри денови во овој тим од Ливерпул. Групацијата „Фредкин“, која го поседува италијанскиот тим Рома, а е предводена од милијардерот Ден Фредкин, веќе неколку месеци е во преговори за преземање на контролниот пакет на Евертон и според последните вести, договорот е постигнат.
Сега се очекува оваа зделка да биде одобрена и од финансиските власти во Англија, како и од челниците во Премиер лигата.
„Среќни сме што можеме да објавиме дека постигнавме договор да станеме повереници на овој иконски фудбалски клуб. Со нетрпение очекуваме да му донесеме стабилност и да ја откриеме нашата визија за иднината, која ќе вклучува и комплетирање на новиот стадион“, се вели во официјалното соопштение на Групацијата Фредкин.
Карамелите минатата сезона беа казнети со одземање 10 бодови поради финансиските неправилности, но успеаја да се спасат од испаѓање. Сезонава Евертон започна лошо и по првите пет кола освои само еден бод и е во зоната за испаѓање.