Драма на „Градски“ во 90+ минута: Силекс победи со гол кој прво беше поништен, а потоа признат (Видео+Фото)

Силекс со 1:0 го победи Вардар на дуелот на арената „Тодор Проески“ во Скопје, во последниот меч од седмото коло на Прва фудбалска лига на Македонија. Двете екипи имаа свои шанси за погодок, но мрежите мируваа сè до почетокот на судиското надополнување.

Тогаш се случи драма. Се играше 90+2 минута, а Силекс беше во напад. Топката дојде до Дарко Додев, кој излезе сам пред голманот Филип Гачевски и успеа да погоди за 1:0. Уште пред да шутира фудбалерот на Силекс, помошникот судија го имаше подигнато знаменцето дека е офсајд.

Првично голот беше поништен, а потоа главниот арбитер Пилешков реши да се консултира со помошникот околу целата ситуација. По разговорот меѓу двајцата судии, Пилешков реши дека погодокот на Силекс сепак е регуларен и тоа значеше триумф за гостите од Кратово.

По оваа победа, Силекс стигна до 12 бода и се искачи на четвртото место на табелата, додека Вардар по поразот остана на седум бодови и е на деветото место.

 

- Оглас -

Најнови вести