На вчерашниот натпревар од Втората лига меѓу Вардар Неготино и Охрид Лихнидос, кој заврши со победа на гостите од 0-1, нападнат е гостинскиот голман Андов. Неслужено лице се симна пред излезот од теренот и со тупаница го удри голманот на гостите, а соиграчите тргнаа во негова одбрана.
Како што може да се забележи од видеото, полицијата доцни неколку метри и не може да го спречи физичкиот напад.
Ден по скандалот, фудбалскиот клуб Охрид упати официјално соопштение и видео од ситуацијата во Неготино.
„Во текот на вчерашниот ден одигравме натпревар во Неготино, каде што фудбалската игра беше ставена во втор план поради настан којшто нема допирна точка со фудбалот и спортот. Поради лошата организација на домаќинот, дојдовме до ситуација која не може да се контролира и многу лесно можеше да ескалира до поголем инцидент.
По завршувањето на натпреварот, нашиот голман, како и уште неколку наши фудбалери беа физички нападнати од неофицијални лица коишто без никаков проблем се најдоја на теренот.
Исто така и во претходната сезона бевме сведоци на слични случувања во Неготино, но немаше реакција од наша страна. ГФК Охрид Лихнидос како домаќин ги има пречекано сите натпревари крајно фер и спортски без ниеден инцидент. Ние како клуб бараме реакција од одговорните лица на Федерацијата. Вакви сцени, за жал, го уназадуваат македонскиот спорт“, стои во соопштението на ГФК Охрид.