Кога може Ајакс во Мадрид, зошто да не може Манчестер во Париз да изненади?

По три години доминација на Реал Мадрид во Лигата на шампиони, се најде јуначки тим кој ќе успее да го елиминира најтрофејниот европски клуб. Ајакс славеше со убедливи 4-1 на „Сантијаго Бернабеу“ и само потврди дека во фудбалот нема невозможни работи. Холандскиот тим во првиот меч на свој терен загуби со 2-1, но синоќа победи „со камата“.

Овој триумф на Ајакс сега е мотив за сите останати екипи кои имаат негатива по првиот меч во елиминациите од ЛШ. Манчестер јунајтед вечерва гостува во Париз кај ПСЖ, а англискиот гигант е во незавидна ситуација откако на првиот меч на „Олд Трафорд“ загуби со 0-2.

Сепак, фактот дека Манчестер во последните 20 години има две титули и уште две финалиња во ЛШ покажува дека „црвените ѓаволи“ не се за отпишување против тимот кој никогаш не ни играл во финале на елитното натпреварување на УЕФА.

Уште пред да се случи синоќешната сензација на Ајакс против Реал Мадрид, тренерот на Манчестер, Оле Гунар Солскјер, изјави дека е полн со самодоверба и дека може да се случи изненадување на „Паркот на принцовите“. Солскјер посочи неколку примери на големи пресврти.

„Минатата сезона Јувентус со 0-3 загуби дома од Реал, па потоа имаше водство од 3-0 во Мадрид и за малку ќе поминеше понатаму. Има и други такви примери, како што е пресвртот на Барселона против ПСЖ. Кога никој не верува во тебе, треба да покажеш карактер. Ако го покажеме најдоброто од нас, можеме да го елиминираше ПСЖ“, рече Солскјер.

 

 

- Оглас -

Најнови вести