Јута џез стигна до првата победа на домашен терен откако во драматична завршница славеше над Далас со 115:113, во единствениот дуел кој ноќеска се играше во НБА-лигата.
Далас губеше со 16 разлика во четвртата четвртина (85:101), но гостите успеаја да се вратат во игра и стигнаа до нерешени 113:113 на 20-тина секунди до крајот. Јута го имаше последниот напад кога Џон Колинс, кој требаше да биде чуван во одбраната од Дончиќ, со атрактивно забивање погоди за 115:113 и тоа на крајот се покажа како клучен момент за победата на Џезерите.
Навивачите на Јута на социјалните мрежи реагираат на начинот на кој Дончиќ го чуваше својот противник, односно воопшто не го чуваше и го остави непречен од никого да забие за победа.
Дури и од клупата на Далас веднаш реагираа за слабата одбрана на Словенецот во решавачкиот напад од средбата. Во последните секунди Далас имаше шанса за победа, но шутот на Маршал за три поени беше непрецизен.