Александар Васоски состави хуманитарен тикет: Силекс не крие дека гледа кон врвот, успесите на Македонија може само да нѐ радуваат (Фото)

Александар Васоски е еден од најдобрите македонски фудбалери во историјата, играше во Бундеслигата, во дресот на Ајнтрахт Франкфурт, своевремено беше незаменлив дел од одбраната на националниот тим, поранешен играч и на Вардар и на Цементарница, а потоа играчката кариера ја продолжи со тренерскиот занает.

Исто така успешно беше на клупата на Вардар, Сараево, Брера, а сега е на кормилото на Силекс и одлично „плови“.

Тој е изборот на Спорт Манија за хуманитарен тикет овој викенд, ќе ги типува натпреварите од Лигата на нациите со надеж дека ќе успее да погоди и потоа добивката да биде донирана таму каде што е најпотребно.

Силекс на Васоски во текот на оваа репрезентативна пауза е на делба на првата позиција, со Шкендија и со Гостивар, со 27 бода и можеби е најпријатното изненадување во шампионатот заедно со Работнички.

„Мора да кажам дека сме задоволни од тоа што досега го постигнавме со Силекс во првенството. Дури можеби и малку ги надминавме очекувањата што ги имавме пред почетокот на сезоната. Сето тоа е плод на една темелна работа, зад себе имаме стабилен клуб, добри услови за работа, пред сѐ мир и можеби најзначајно што работиме без некој посебен притисок. Направивме добра селекција ова лето, доведовме неколку квалитетни засилувања и заедно со староседелците во Силекс, се оформи еден тим со висок натпреварувачки дух, кој е гладен за победи на секој нареден натпревар. Оваа репрезентативна пауза сме во лидерското трио, но мора да продолжиме да работиме напорно затоа што следуваат уште многу предизвици и до крајот на оваа полусезона, а секако и во пролетниот дел од шампионатот“, вели Александар Васоски.

Можеби Силекс тргна ненаметливо, но со одличните резултати сега се вбројува во тимовите кои се аспиранти за највисок пласман, секако за излез во Европа, а зошто да не и за трка за шампионска титула.

„Веќе тоа не го криеме, амбициите на тимот сега се насочени кон врвот, а зошто и не би биле кога видовме дека фудбалерите увидоа дека имаат квалитет и дека можат да победат секого во Првата лига. Сега апетитите растат, но мора да останеме цврсто на земја и да одиме чекор по чекор затоа што само така можеме да ја оствариме нашата цел. Мора да истакнам дека имам чест да работам со одлична група фудбалери, вредни, исполнителни, кои секогаш сакаат повеќе и во секој натпревар посакуваат триумф. Имаме одлична поддршка од раководството на клубот, Силекс е клуб со педигре, со голема традиција во македонскиот фудбал и ќе работиме напорно да го издигнеме уште повисоко“, истакнува шефот на стручниот штаб на кратовци.


Нема фудбалски работник во државата кому не му е драго кога репрезентацијата на Македонија реди победи. Тоа е еден вид награда и за сите кои работат во македонскиот фудбал.

Александар Васоски знае како е да се биде и долу на теренот во националниот дрес, каква е гордоста да се игра за Македонија и каква сатисфакција и среќа носи секој нареден успех.


А актуелниот состав на Македонија реди победи во Лига Ц, четири победи без примен гол, веќе обезбеди пласман за Лига Б за првпат во историјата на Лигата на нациите и со евентуален триумф над Фарски Острови ќе направи и чекор кон разигрување за мундијалски бараж. Сето ова, секако, со задоволство го коментира Васоски.


„Кога се нижат победи, тоа може само да радува и треба да им се честита и на фудбалерите и на селекторот Милевски со целокупниот стручен штаб. Сѐ потешко е да се победува во модерниот фудбал затоа што сите одат напред, а овие победи на репрезентацијата на Македонија го подигнуваат нивото на целиот македонски фудбал. Се надевам дека ќе слават победа и на последниот меч против Фарски Острови в недела и дека со стил ќе го заокружат овој циклус во Лигата на нациите. Време е да одиме во Лигата Б и да се испробаме и со сите посилни селекции, тоа може само да нѐ радува. Ќе ни следуваат и квалификации за Светското првенство, а тоа секако не е мала работа и ако добиеме шанса преку разигрување во бараж, да сонуваме за Мундијал“, вели Васоски.


Има порака и до фудбалерите, но и до селекторот Благоја Милевски.


„Да продолжат во ист стил, сите се радуваме на успесите на репрезентацијата на Македонија. Моја желба, како тренер кој работи во македонскиот клупски фудбал, е што повеќе репрезентативци да доаѓаат и од македонското првенство. Можеби и не можат веднаш да бидат носители на играта, но секако дека има квалитетни фудбалери и во Првата лига кои заслужуваат да се најдат на списокот на селекторот Милевски“, заврши актуелниот стратег на Силекс.


Го подготви и хуманитарниот тикет, типува најмалку три гола на неделниот дуел меѓу Македонија и Фарски Острови, секако, со надеж дека поголемиот дел од нив ќе бидат во мрежата на гостите.

- Оглас -

Најнови вести