Спринтот на Мохамед Салах во 80. минута е таман за да го опише и рекордот на Египќанецот што ќе остане запишан во клупската историја на Ливерпул.
Извонредниот офанзивец на црвените постигна гол, клучен за триумф против Саутемптон, откако истрча 60-на метри и и потоа ја погоди мрежата на домаќините за комплетен пресврт. Со тој гол Мо е играчот на Ливерпул што во најмал број на мечеви најбрзо стасал до 50 погодоци за великанот од Англија.
За таков подвиг му требаа само 69 натптревари, три помалку од досегашниот рекордер Фернандо Торес. Интересно и двајцата се странци и оставија траен белег во клубот од „Енфилд Роуд“.
„Секако дека ова е специјален момент за мене. Да се постигнат 50 голови за еден клуб не е малку, но најважно од се е што победивме. Џабе ќе беше јубилејниот гол, ако не успеевме да го совладаме Саутемптон. Се радувам, а се надевам дека ќе славиме на крај“, изјави Салах.
Постот од 9 меча без гол што траеше од 9. февруари е минато за Салах, а посебно се радуваат навивачите на Ливерпул. Нивниот миленик и нов рекордер повторно погодува што е исклучително важно за тимот што е во трка за титулата по цели 29 години.