Бундеслига со Васоски: Головите се заштитен знак на Хофенхајм и Ајнтрахт

Александар Васоски е хит меѓу тренерите во Македонија, во својата дебитантска сезона успева да го одржи Вардар на врвот на табелата, иако клубот е соочен со многу проблеми, но нема проблем кога треба да биде гостин на СПОРТ МАНИЈА.

Поранешниот фудбалер на Ајнтрахт Франкфурт со задоволство го прифаќа секој наш повик и по третпат ни е гостин со својата анализа и предлог типови за Бундеслигата. На распоред е седмото коло, а како и секогаш има интересни дуели во една од Топ-5 лигите во Европа.

Васоски одбра пет натпревари, а еве ги неговите предлози:

 

Борусија Дортмунд – Аугсбург (Сабота, 15.30 часот)

Милионерите се екипа со широк спектар на квалитетни играчи и играат одлично на двата фронта и во Бундеслигата и во Лигата на шампионите. Аугсбург го изненади Баерн од Минхен, но чудата во германското првенство не се случуваат често, особено не кога разликата во квалитет е лесно препознатлива. Мислам дека Борусија ќе слави убедливо и тоа без проблеми.

Предлог тип: 1&3+ (2.00)

 

Хофенхајм – Ајнтрахт Франкфурт (Недела, 15.30 часот)

Оваа генерација на фудбалери на Ајнтрахт игра поинаку од времето кога јас настапував за оваа екипа. Даваат, но и примаат повеќе голови. Хофенхајм на домашен терен е вистинска машинерија за голови, Ајнтрахт може да парира и тука сум речиси сигурен дека ќе има најмалку три голови. За похрабрите типувам и четири и повеќе погодоци на мечот.

Предлог тип: ГГ&3+ (1.75)

 

Лајпциг – Нирнберг (Недела, 18.00 часот)

Лајпциг е екипа која од старт почнува многу офанзивно и често знае да даде, или да прими гол во раната фаза од мечот. Овојпат верувам дека брзо ќе ја затресат мрежата на Нирнберг, екипа која во Германија важи за домашна, па овде не очекувам изненадување. Особено не по катастрофата на Нирнберг во Дортмунд, кога загубија со 7:0 од Борусија. Лајпциг е во победнички ритам, има три успеси по ред, заедно со триумфот во Европа Лигата против Розенборг и верувам дека повторно ќе слави и утре против Нирнберг.

Предлог тип: 1-1 (2.15)

 

Фортуна Дизелдорф – Шалке 04 (Сабота, 15.30 часот)

На Шалке му требаше една победа во Бундеслигата за да фати ритам. Веднаш потоа славеа и во Москва и очекувам хет-трик од тимот од Гелзенкирхен и нов триумф, овојпат во Дизелдорф. Разликата во квалитет е очигледна во полза на гостите. Фортуна во претходните две типувања ја промашив за по еден погодок, со играта од 0-2 гола, но овојпат малку ќе променам и ќе типувам победа на гостите.

Предлог тип: 2 (2.10)

 

Хановер – Штутгарт (Сабота, 15.30)

Двете екипи играат тврд фудбал и по шест одиграни кола се наоѓаат во опасната зона. На последните три меѓусебни дуели немаше повеќе од два гола и верувам дека и овојпат традицијата ќе продолжи. Во вакви натпревари некако поважно е да се сочува мрежата, бидејќи бодовите се мошне значајни. Хановер нема ниту една победа, Штутгарт само еднаш се радуваше и некако ми личи на реми, но јас ќе типувам меч со малку голови.

Предлог тип: 0-2 (1.85)

 

- Оглас -

Најнови вести