Англија во недела ќе го добие својот нов шампион. Со нетрпение се чека последното коло за да се одлучи новиот владетел во Премиер лигата, така што на феноменалната шампионска битка меѓу Манчестер сити и Ливерпул ќе му дојде крајот. На врвот на табелата, Граѓаните и Црвените ги дели само еден бод, така што се очекува интересна завршница.
Актуелниот бранител на титулата на гостувањето кај Брајтон ќе се обиде да ги освои потребните три бода за повторно да биде шампион, додека Ливерпул на домашен терен го пречекува Вулверхемптон, каде ќе треба да слави и да се надева на кикс на ривалот од Манчестер.
Организаторите на најелитното фудбалско првенство на Островот се подготвени за сите можни сценарија кои би можеле да се случат. Токму затоа е изработен дополнителен трофеј, односно идентична реплика на титулата од Премиер лигата. Таа ќе биде на „Енфилд“ во случај Ливерпул да стане англиски првак, додека вистинската ќе патува со сегашниот сопственик во Брајтон, а тоа е тимот на Пеп Гвардиола.
Иако во другите лиги во вакви случаеви титулата се пренесува со хеликоптер, челниците на Премиер лигата ја отфрлија таа можност.
Натпреварите Ливерпул – Вулверхемптон и Брајтон – Манчестер сити започнуваат во 16 часот, како и сите останатите мечеви од последното коло.