Во пресрет на последното коло во Премиер лигата по кое ќе се добие новиот англиски шампион, напаѓачот на Вулверхемптон Раул Хименес, се закани на Ливерпул дека ќе се обиде да им ги помати плановите за шампионската титула. Ливепрул на „Енфилд“ има задача да ги совлада „волците“, а потоа да се надева дека Манчестер сити ќе киксне на гостувањето кај Брајтон, за трофејот од Премиер лигата конечно да припадне на Црвените.
Хименес вели дека сонува да постигне гол пред познатата „Коп“ трибина, а додаде дека еден играч на Сити и негов пријател, исто така ќе навива за него.Тој пријател е голманот на Граѓаните Едерсон, со кого Хименес беше соиграч во Бенфика во периодот од 2015 до 2017 година.
„Сонувам да постигнам гол пред Коп трибината каде стојат навивачите на Ливерпул. Знам дека и еден мој пријател од Сити исто така ќе навива за мене да го сторам тоа. Ако утре оствариме победа на „Енфилд“, тоа значи дека тимот од Манчестер повторно ќе биде шампион, па знам дека Едерсон ќе ми биде благодарен“, истакна Хименес.
Мексиканецот оваа сезона еднаш успеа да ја затресе мрежата на Црвените. Тоа беше во дуелот од третото коло во ФА Купот, кога „волците“ славеа со 2-1. Воедно Хименес е најефикасен фудбалер на Вулверхемптон во Премиер лигата со 13 погодоци на 27 натпревари сезонава.
Дуелот Ливерпул – Вуверхемптон е закажан за утре во 16 часот, а во исто време почнува и Брајтон – Манчестер сити, како и сите останати средби од 38-то коло во Премиер лигата.