Арсенал верува во магијата на Емери – Шпанецот е махер за пехари во Европа Лигата

Арсенал се надева на магијата на Унаи Емери и на продолжување на перфектната низа победи во финалните мечеви на Шпанецот во Европа Лигата.

Емери досега трипати беше учесник во мечевите за пехарот во ЛЕ и трипати го креваше трофејот, секогаш со Севилја.

Во 2014 година имаше и доза на среќа, откако во регуларниот дел од мечот со Бенфика беше нерешено, без голови, па на пенали Севилја славеше со 4:2 и го освои трофејот во Европа Лигата.

И следната година повторно Емери беше таличен за клубот од Андалузија, дотуркаа до финалето каде го победија украинскиот Днипро со 3:2. Севилја со тој успех стана првиот клуб што го искористи новитетот на УЕФА и како шампион во Европа Лигата си обезбеди настап во Лигата на шампионите следната сезона.

За Емери и следната сезона беше бериќетна, а сегашниот тренер на Арсенал пак го крена пехарот и забележа уникатен подвиг и хет-трик во Европа Лигата.

Противник во финалето во 2016 година беше Ливерпул, англискиот тим и поведе со 1:0, но и во Базел Севилја стаса до титулата, со пресврт и победа од 3:1.

Сега на ред е Баку, а Емери за првпат ќе се обиде да освои нов трофеј во ЛЕ како тренер на тим што не се вика Севилја. Ако успее и со Арсенал да стаса до пехарот во финале против Челси ќе стане најтрофејниот тренер сметајќи ги заедно и УЕФА купот и Европа Лигата како наследник на популарното клупско натпреварување со 4 титули.

Засега само Џовани Трапатони и Емери имаат по три титули, а легендарниот Трап ги освои трите круни со два клуба, Јувентус и Интер.

 

- Оглас -

Најнови вести