Легендарниот стадион „Џузепе Меаца“ во новата сезона ќе биде дом на два клуба кои ќе играат во Лигата на шампионите. Интер обезбеди место во елитната лига на УЕФА, а Милан, за жал, не е дел од ова натпреварување. За првпат во клупската историја, Аталанта е клубот кој ќе игра во ЛШ, но тимот од Бергамо се соочува со проблем.
Стадионот на Аталанта, „Аѕури Д’Италија“ се реконструира и нема да биде подготвен за првите мечеви од групната фаза во ЛШ. Тоа значи дека наместо во Бергамо, Аталанта ќе мора да најде нов стадион за домашните мечеви. Италијанските медиуми пишуваат дека „Џузепе Меаца“ ќе биде местото каде што Аталанта ќе игра како домаќин.
За Аталанта нема да биде првпат да игра на неутрален терен како домаќин. Минатата сезона во Лигата на Европа, како домаќин играше на стадионот на Сасуоло, бидејќи „Аѕури Д’Италија“ не ги исполнуваше условите ниту за мечеви од второто по ранг натпреварување во Европа.