Ѕвездата на Пари Сен Жермен, бразилското крило Нејмар, денеска се појави во тренинг-центарот на неговиот клуб, но не тренираше со остатокот од екипата.
Нејмар, кој дојде во Париз со лет од Сао Пауло, имаше состанок со директорот Леонардо на којшто требаше да ги расчистат дилемите околу тоа дали Бразилецот останува „светец“ и под какви услови би бил продаден во Барселона. Тема на разговор било и доцнењето од една недела. Нејмар на 8 јули требаше да дојде на подготовки, а откако не се појави, доби парична казна.
Нејмар не тренираше бидејќи прво мора да ги мине лекарските прегледи. Доколку сè е во ред, тој би можело да им се придружи на Килијан Мбапе и колегите.
Освен тоа што флертува со Барселона, Нејмар во Париз ги налути и со изјавата дека најубаво сеќавање во кариерата му е триумфот на Барса од 6-1 над ПСЖ. Од ПСЖ најавија дека би го продале Нејмар само ако дојде соодветна понуда. Колку е тоа, никој не знае, но ќе треба да биде околу сумата 222 милиони евра која парижани ја платија за него. Барселона нема толку пари за трошење, па Нејмар можеби ќе биде принуден да остане уште една сезона во францускиот првак.