Доминик Штолц доминираше на „Жози Бартел“ вечерва и со хет-трик му донесе убава предност на Дуделанж од 3:1 по првиот меч од квалификацискито полуфинале за настап во Европа Лигата против Номе Калју.
Ова е двомеч за пласман во плејофот, а двете екипи беа кобни за македонскиот првак Шкендија.
Најпрво Естонците ја елиминираа Шкендија во квалификациите за настап во Лигата на шампионите, а потоа европскиот сон на тетовци за настап во фаза по групи го згасна Дуделанж со успех во претходното квалификациско коло за пласман во Европа Лигата.
Сега двете екипи бијат битка за пробив во финалната квалификациска фаза за учество во Европа Лигата, а првиот меч денеска го доби Дуделанж со 3:1.
Германецот Штолц беше прецизен во 28. и 30. минута, потоа намали Пури со погодок во 41. минута, а предноста од два гола за реваншот ја врати повторно со гол за хет-трик „десетката“ на домаќините.
Дуделанж сега е поблиску до пробив во финалето на квалифиикациите и меч против Сабуртало, или Арарат Ерменија, што би им било одлична можност за повторување на ланскиот успех, кога за првпат играа во фаза по групи во Европа Лигата.