Луд финиш со многу возбудувања и три гола за седум минути одиграа Динамо и Бриж во Киев, а реваншот заврши со резултат 3:3, доволно за пласман на белгискиот клуб во плејоф-фазата за пласман во Лигата на шампионите.
Динамо трипати водеше со по еден гол разлика, но на крајот испадна. Првиот меч заврши со победа на Бриж од 1:0, а на реваншот вечерва домаќинот брзо постигна гол и ја анулира предноста на противникот.
Бриж успеа да израмни во првото полувреме, па со 1:1 играчите на двете екипи заминаа на пауза. Шепелев со гол во 50-тата минута повторно му донесе предност на Динамо, но со тој резултат повторно Бриж беше патник за плејоф-рундата.
Во самиот финиш се играше ултраофанзивно, а Динамо нападна за да постигне трет гол и да го елиминира Бриж, но во 86-тата минута прими гол за 2:2. Во 93-тата со автоголот на Мехеле, повторно домаќините водеа, но со погодок во 95-тата минута Опенда стави крај на одличниот реванш-меч, по кој белгискиот првак мина понатаму и ќе игра со победникот од двомечот меѓу ЛАСК Линц и Базел.