Барса по 10 години без Меси на стартот на Ла Лига

Во Барселона одлучија да не ризикуваат со нивниот неприкосновен лидер и најдобар фудбалер Лионел Меси, па не го ставија на листата на кандидати за настап на вечерашното гостување кај Атлетик Билбао, меч со кој стартува новата сезона во шпанското првенство.

Неиграњето на Меси не е изненадување, тој недоволно подготвен се појави на тренинг и веднаш се здоби со мускулна повреда, па ќе го пропушти ова традиционално жешко гостување во Баскија, но вистинска реткост е Барса сезоната да ја стартува без него. Последен пат кога Меси не играше во првото коло се случи точно пред десет години.

Во август 2009 година, тренерот Пеп Гвардиола го остави Меси (се жалеше на повреда на коленото) надвор од комбинација за дуелот со Спортинг Хихон. Тогаш шанса во нападот добија Кркиќ, Педро и новодојдениот Ибрахимовиќ.

Во последните девет години, Меси секогаш играше во првото коло и даде 14 гола. Колку ќе влијае неговото отсуство, останува да се види. На листата на патници кои заминаа во Билбао се Кутињо и Рафиња, чија иднина во клубот е неизвесна, а нема да играат ниту Артур, Видал и Тодибо.

- Оглас -

Најнови вести