Барселона на клупската страница објави дека Усман Дембеле повторно е повреден, се работи за истегнат мускул и ќе мора одново да паузира, овојпат околу пет недели.
Дембеле комплетно го одигра премиерниот меч во Ла Лига против Атлетик во Билбао, на којшто шампионот Барселона загуби со 0:1, а дополнителните прегледи потврдија дека ќе мора на нова пауза.
Дембеле има одиграно 66 мечеви од вкупно 120 откако е член на Барселона, а честопати се повредува. Во Билбао, покрај поразот, Барселона доживеа уште еден малер.
Се повреди и Луис Суарес, па Уругваецот мораше предвреме да го напушти теренот и беше заменет во финишот на првото полувреме.
Во ситуација кога и Лионел Меси сè уште не е комплетно подготвен за настап и не играше во Билбао, јасно е дека Барселона има големи проблеми, особено во офанзивниот дел.
Каталонците и немаат преголем избор како замена за ударното трио во нападот, па тука е само новото засилување Антоан Гриезман од играчите со искуство и квалитет, како спој неопходен за тешките мечеви во Ла Лига.